Србија очекува во 2010 година во земјата да влезат две милијарди евра странски инвестиции, а најмногу се очекува од добавувачите за Фијат.
Ова го изјави директорката на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Србија Весна Периќ, додавајќи дека Србија годинава во услови на финансиска криза привлекла две милијарди долари странски инвестиции, што е на исто ниво како и 2008 година.
„На Србија и се потребни три до четири милијарди евра инвестиции, но и ако оствари две милијарди, тоа ќе биде
многу добар резултат“, рече Периќ, додавајќи дека има многу заинтересирани компании, кои сакаат да му бидат добавувачи на Фијат, од областа на електронската индустрија, преработката на метали и пластика.
Планот на нејзината агенција за 2010 година е да се концентрира на пласман на српските финални производи на пазарите во поранешниот Советски сојуз и северна Африка, како и на пласирањето на домашни полупроизводи во Западна Европа.
Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Србија има програма за интернационализација на претпријатијата, со која финансира половина од трошоците за воведување на сертификати, стандардизација и други маркетиншки активности неопходни за извоз.
(Тотал)