Царинската управа од 1 јауари ја презема наплатата на акцизата на целата територија на Република Македонија. Царината сега наплаќа акцизата само при увозот, а онаа внатре во земјата се наплаќа од страна на Управата за јавни приходи.
Од Царината велат дека на ваков начин ќе се зголеми ефикасноста на наплатата на акцизата. Царината постепено во текот на годината ќе ги промени одобренијата и обрасците кои ќе го добијат логото на Царината. За компаниите нема да има промени, тие наместо во Управата за приходите барањата ќе ги поднесуваат до Царинската управа. За ваквиот вид наплата постојат искуства во другите земји кои се позитивни.
Царината ќе ја издава акцизната дозвола на компаниите, како и одобрението за акцизно повластено користење. Акцизни стоки се нафтените деривати, автомобилите, алкохолните пијалоци и цигарите.
Во Царината, од сега ќе се поднесуваат месечните акцизни пријави за минерални масла, алкохолни пијалоци, тутунски надомест, пријава за пласирани количини за контролни марки за тутунски добра, пријави за пласирани количини за контролни марки за меѓупроизводи и етил алкохол, барање за издавање контролни марки за меѓупроизводи и етил алкохол, барање за издавање контролни марки за тутунски добра и изготвување решенија за издавање контролни марки.
Сите неизвршени постапки пред Управата за јавни приходи кои се однесуваат на акцизата ќе продолжат да се водат пред Царинската управа.
(МИА)