Во очекување на потпишување на договорот со италијанскиот Фијат со крагуевачка Застава, што во присуство на преседателот на групацијата Фијат Серџо Маркионе и шефот на италијанската дипломатија Франк Фратини, како и претседателот на Србија Борис Тадич, премиерот Мирко Цветкович и потрпреседателот на владата и министер за економија Млаѓан Динкиќ, ќе се случи на 29 септември во Белград, Србија веќе ја “преплавија“ италијанските стопанственици.
Во тек е имено, посета на стопанска и институционална делегација од Унијата на италијански комори на Србија во која, според Антонио Паолети, првиот човек на комората од Трст, иницијатор и организатор на големиот бизнис собир во Белград, се наоѓаат и најголемите преставници на 35 италијански претпријатија и компании од најразлични сектори.
Тие во Србија дошле со желба во средбите и разговорите со српските претприемачи да најдат стабилни партнери и со заеднички сили да ги остварат и заедничките интереси. Се смета дека италијанските претприемачи, главно од мали и средни фирми, за два дена ќе остварат дури околу 180 состаноци и разговори со своите потенцијални партнери од Србија. На средбите ќе се разговара, посебно околу италијанската понуда за учество на нејзините компании во модернизација на српската железница, потоа можните партнерства во областа на енергетиката и животната средина, како и во градежништвото.
Шумадија и Војводина сепак се чини дека се најпосакувани дестинации за италијанските претприемачи. Доаѓањето на Фијат во Србија поттикна многу италијански фирми и самите, што побрзо, да влезат во т.н. комплементарни работи, убедени дека во соработката со српските партнери ќе направат добри зделки. Многу италијански фирми сакаат со српските партнери да основаат мешовити фирми како би биле добавувачи на Фијат. Извесно е дека и Ивеко (од составот на Фијат за производство на автобуси и теретни возила) исто така на 29 септември ќе потпише договор со Србија за отварање на своја фабрика во Крагуевац. По ова сосема е извесно дека во наредните месеци присуството на италијанските фирми во Србија значително ќе се зголеми. Не се исклучува ни масовно “бегање“ на некои италијански фирми од Романија.
Судејќи по бројот на Италијанци кои деновиве ќе се “раштркаат“ по градовите во Војводина, покажува дека северната српска покраина е многу интересна за италијанските фирми. Таму Италијанците ќе настојуваат да пронајдат партнери за бизнис во земјоделството, но и во другите сектори.
Според зборовите на Антонио Паолети, Италијанците не ги интересираат краткотрајни бизниси, туку се дојдени со намера да се останат подолго во Србија и бизнисите кои ќе ги почнат да бидат трајни и стабилни. Италијанците, според Паолети, се заинтересирани во Србија да инвестираат, а тоа значи дека намерата не им е брзо да се повлечат, што до сега повремено се случувало.
Говорејќи за српските медиуми, Полети најави “скоро сигурен“ влез во Србија на големата италијанска компанија Манјети Марели, специјализирана за производство на акумулатори, алтернатори, како и електрични навигациони и други системи. Оваа компанија има фабрики во Франција, Германија, Велика Британија, Шпанија, Русија и Чешка.
Доаѓањето на Фијат е круна на досегашната соработка, но и голем потик за многу други италијански компании да дојдат во Србија, пазар кој за нив е “отскочна даска“ за пробив на гигантскиот руски пазар.
(Тотал)