Анализи

Македонија преплавена од бугарски и косовски автомобили

Бугарски а наши!

Горан Лефков

Македонија нема никаква корист од возилата со странски регистарски таблички и македонски газди, а сепак ги толерира. Се проценува дека во земјава има од 50.000 до 100.000 возила со странски, пред се, бугарски и косовски таблички, кои секојдневно сообраќаат по македонските патишта. Нивното присуство е толку големо, што ви се чини дека градовите во источна Македонија се наоѓаат во Бугарија, а кога сте во западниот дел од земјава, како да сте во Косово. Впечатокот всушност е најмалиот проблем кај оваа појава. Финансиските штети се многу поголеми. Овие возила ги оштетуваат патиштата во земјава, а не плаќаат за тоа. Од нив нема приходи во буџетот ни по основа на регистрација и други давачки, како што се локална и еколошка такса. Најголема мака имаат осигурителните компании кога треба да регулираат штети предизвикани од сообраќајки во кои учествувале возила со странски таблици. Штетите неофицијално се проценуваат на неколку милиони евра годишно.
Овој проблем е долгогодишен, а не се решава најмногу поради социјалниот аспект. Ниедна Влада не сака да го навлече гневот на оваа категорија граѓани, кои најчесто се квалификуваат како социјални случаи, а можеби и не се. Странските возила функционираат во земјава како да се домашни. Ги возат македонски граѓани, кој имаат некакви документи од соседните држави, најчесто пасоши од Бугарија и од Косово. Ги изнесуваат само формално од земјава за да ја исполнат законската обврска на секои шест месеци еднаш да ја напуштат Македонија.
Царината мора да се плати
Интересно е што државата ги толерира само возилата со бугарски и косовски таблички. Доколку донесете автомобил од Германија или Италија, ќе мора веднаш да го регистрирате во Македонија. Законот за странските возила е јасен.
“Странските возила во Македонија се третираат како и секоја друга стока која подлежи на царина. Бидејќи и за возилата е пропишана царина, тие треба да се оцаринат за да станат домашна стока. Во спротивно, треба да се вратат во државата од каде што доаѓааат. Тоа се правила од т.н. Истанбулска конвенција. Сите земји-членки на ЕУ имаат пристапено кон оваа конвенција, што значи кај нас владеат истите правила како во ЕУ. Со измена на уредбата за спроведување на царинскиот закон во март годинава дефиниравме што се тоа шест месеци за странските возила. Со новата уредба, овие возила шест месеци може да престојуваат во земјава, а шест месеци мора да бидат надвор од Македонија. Порано беше практика на секои шест месеци да излезат од Македонија и веднаш да влезат, со што на некој начин го изигруваат законот”, вели Ванчо Каргов, директор на Царинската управа на Македонија.
Доколку овие возила по шест месеци престој во земјава, излезат и веднаш влезат во Македонија, прават царински прекршок, поради кој Царинската управа може и да им го одземе возилото. Од почетокот на годинава Царината одземала околу 1.200 возила поради царински прекршоци.
Но, дали уредбата за возилата да бидат шест месеци во Македонија и шест надвор е решение на овој проблем? Дали има простор повторно да се изигра законот.

Засегнатите, чекор пред законите

Капитал се обиде да добие податоци од Министерството за внатрешни работи за тоа колкав е бројот на “странски” возила во земјава, но до затворањето на овој број, одговор не добивме. Луѓето кои се упатени во оваа проблематика проценуваат дека низ македонските патишта сообраќаат од 50.000 до 100.000 возила со странски таблички. Сопствениците имаат свои математики зошто возат странски автомобили.
“Возилата во Македонија се двојно поскапи од бугарските. Мене ми се исплаќа да купам две коли, едната да ја возам во Македонија шест месеци, а втората да ја чувам во Бугарија. За да стои колата во гража во Благоевград ми наплаќаа по 35 лева (1.000 денари) месечно”, вели сопственик на возило со бугарски таблички кој сакаше да остане анонимен.
Капитал ги спореди цените на едно половно возило “фолксваген голф 3” во Македонија и во Бугарија, и заклучивме дека во Бугарија ќе ве чини околу 1.300 евра, а кај нас над 3.500 евра. Затоа на Македонците им се исплати да купат и две бугарски возила и да ги менуваат на секои шест месеци. Слично е и со косовските возила.
“Возилата кај вас, во Македонија, се многу поскапи и затоа возниот парк е толку стар”, вели Висар Хоти, кредитен аналитичар од Приштина, Косово. Негов пријател пред извесно време продал возило со косовски таблички на македонски Албанец во Скопје.
Граѓаните сметаат дека одлуката да се изнесат странските возила шест месеци во годината надвор од земјата, нема да го реши проблемот. Тие бараат Македонија да ги намали техничките стандарди за влез на стари автомобили од странство, а сопствениците да си ги платат сите давачки при увоз и да ги регистрираат со македонски таблички.

Кои се загубите кои ги предизвикуваат странските возила

Штетите што ги предизвикуваат овие возила во градовите во Источна Македонија се големи. Повеќето градоначалници се жалат и истакнуваат дека немаат ингеренции да го решаваат проблемот. Тој е можеби најзиразен во Струмица како најголема општина во источна Македонија.
“Штетите во општина Струмица се огромни бидејќи овие возила ги амортизираат патиштата, учествуваат во собраќајни незгоди со кои се оштетуваат сообраќајната и патна сигнализација, а наплатата на надоместот од предизвиканите штети многу тешко се реализира”, истакнува Зоран Заев, градоначалник на Струмица.
Според податоците од осигурителните компании, во Македонија годишно се регистрираат околу 300.000 возила. Во Авто-мото сојузот на Македонија и во другите авто-мото друштва се извршуваат околу 25-35% од техничките прегледи на моторни возила, односно околу 125.000. Ако се знае дека во Македонија има 50.000-100.000 возила со странски регистарски таблички, доколку тие вршат технички преглед за регистрација во земјава, станиците би имале за 15-30% повеќе работа. Ако се земе дека просечно за технички преглед на автомобил се плаќа околу 3.000 денари, тогаш станиците губат од 2,5 до пет милиони евра.
Втора ставка е осигурувањето од одговорност од употреба на моторни возила. Во Македонија годишно осигурителните компании собираат околу 50 милиони евра како бруто-пласирана премија. Ако странските возила зафаќаат 15-30% од возниот парк, тогаш осигурителните компании губат од 7,5 до 10 милиони евра. Но, оваа не единствената ставка по која губат пари осигурителите. Тие продаваат и зелени картони за излез на автомобилите надвор од земјава, што значи дека штетите се уште поголеми.
Ова се штетите што може да се измерат директно. Но, некои воопшто не се мерат, како што е на пример таксата за одржување на локалните патишта, за што се плаќаат од 1.500 до 2.000 денари годишно. По оваа основа државата е оштетена со околу два милиони евра годишно. Потешко е да се утврдат загубите по основа на комунална такса за општините. Секоја општина си ја утврдува посебно. Во Струмица, на пример, во 2008 година се регистрирани 9.222 моторни возила со македонски регистарски таблички. Годинава од нив во буџетот на општината по основа на комунални такси од регистрација на патнички моторни возила влегле вкупно 1.941.242 денари. При регистрација се плаќа и еколошка и такса за републичкиот совет за безбедност на патиштата, но тие се пониски.

Решение


Толерирањето на бугарските и косовските возила создава дискриминација на пазарот и поддржува непочитување на законските обврски. Експертите се согласни дека овој проблем мора да се реши.
Струмичкиот градоначалник има свој предлог
“Бидејќи стандардот на граѓаните во државава е многу намален, потребно е да се намалат царинските давачки и акцизата со цел новите возила да станат подостапни за нив. Доколку се одлучи сегашните возила со странски таблички да се легализираат, по некое времен повторно ќе се судриме со истиот проблем. Затоа треба да се најде конечно решение”, смета Заев.
Веројатно ќе треба да се намалат и техничките стандарди за увоз на половни возила бидејќи и така возниот парк во земјава е стар околу 25 години. Од 2007 година за спроведување на техничките критериуми е одговрно Бирото за метрологија.
“Ние сме надлежни за имплементација на законите и подзаконските акти. Во овој момент процесот на хомологација се одвива согласно Правилникот за пуштање на пазарот и ставање во употреба на моторни возила, приклучни возила, опрема и делови кои може да се вградат и/или да се користат на нив”, информира Димитар Парнаџиев, директор на Бирото за метрологија.
Тој вели дека Владата работи на поедноставување, односно забрзување на оваа постапка, а истакнува дека за критериумите за влез на половни возила е надлежно Министерството за економија.
Во соседните земји овие критериуми се многу полиберални. Во Косово, на пример, нема старосна граница за влез на половни возила, исто како и кај нас, но таму владата не бара строги технички стандарди. Бугарија е дел од заедничкиот европски пазар и возилата од ЕУ се сметаат како домашни. На потек е Владата, односно Министерството за економија.

ПРОЦЕДУРА ЗА УВОЗ НА СТРАНСКО ВОЗИЛО

Старосна граница за увоз на возила нема. Доколку некој сака да увезе половно возило, за него треба да поседува т.н. ТИФ документ. Потоа секое возило треба да добие хомологација и атест. За овие документи се плаќа околу 200 евра. Дотогаш возилото стои складирано во царински терминал. Кога ќе се комплетираат овие документи, сопственикот на возилото треба да плати царина која изнесува 10% и ДДВ од 18%. Давачките се пресметуваат на утврдената каталошка вредност на возилото, а не на цената што е платена за него. За целосна регистрација на возилото сопственикот треба да плати и еко-такса од 2.500 до 7.500 денари, во зависност од зафатнината на моторот, и акциза, која не се плаќа само за возила до 1.000 кубни сантиметри. За возила над оваа граница чини од 75.000 до 300.000 денари. Вкупните давачки за едно возило со зафатнина на моторот од 1.400 кубни сантиметри изнесуваат околу 2.200 евра

Македонија со најскапа регистрација

Македонските возачи плаќаат најскапа регистрација во регионот. Во соседните земји се многу поевтини осигурителните производи и техничките прегледи. Зелениот картон во Бугарија е задолжителен при регистрација. За зелен картон и осигурување од одговорност при употреба на моторни возила возачите во оваа земја плаќаат околу 90 евра. Кај нас толку чини само осигурувањето од одговорност при употреба на моторни возила, а зелениот картон си е посебна приказна. Тој чини над 2.500 денари за месечно осигурување.


 

avtomobili

Објавено на 22.12.2009, од ljupco

da se vovedat vineti sekoja stranska kola da plaka patarina na vlez. 1 evro za eden den 7 dena 7 evra 30 dena 30 evra.

KAPITAL

Најновиот број на Капитал донесува:

Tема на број:Грција нa работ на банкрот! Од ЕУ бараат 300 милијарди евра!
Недвижности: Становите нема да поскапат во 2010!
Европски фондови:Стигнаа првите 20 милиони...


ВАЛУТА Куповна Средна Продажна
EUR 61,34 61,64 61,95
USD 47,79 48,03 48,27
Цела курсна листа

  • Календар на настани

    <   Настани за месец септември 2010   >
    П В С Ч П С Н
      1 2 3 4 5
    6 7 8 9 10 11 12
    13 14 15 16 17 18 19
    20 21 22 23 24 25 26
    27 28 29 30  

Почитувани читатели и клиенти,

Ве известуваме дека од почетокот на 2010 година содржините на веб порталот Тотал ќе бидат привремено недостапни поради интегрирање на сите активности во рамки на компанијата Капитал Медиа Гроуп. Нашата компанија во 2010 година влегува во нова фаза од својот развој која освен издавањето на неделникот Капитал ќе вклучува и издавање на дневен весник за бизнис и политика. Освен тоа, бројот и интензитетот на издавање специјализирани изданија под брендот Капитал исто така останува наш силен приоритет и во следниот период, додека организирањето обуки, семинари, предавања, конференции и други настани од исклучително значење за македонската деловна заедница се наша долгорочна цел и визија од која не отстапуваме.

Потребата од интегрирање на сите овие функции со еден заеднички именител и препознатлив корпоративен имиџ доведоа до одлуката www.total.com.mk привремено да биде надвор од функција. Нашата Интернет видливост и определбата нашите Интернет содржини да бидат прв, посакуван и корисен извор на информации за нашите читатели и клиенти остануваат високо на агендата на Капитал Медиа Гроуп, поради што во периодот февруари-април, сите содржини ќе бидат интегрирани во една единствена веб адреса.


Со почит,
Капитал Медиа Гроуп