Во услови на забавена економија и неизвесна иднина за голем број бизнис-субјекти, неблагодарно е да се зборува за динамиката на развојот на осигурителниот бизнис кој што е тесно поврзан со развојот на реалниот сектор. Сепак, извршната директорка на Еуролинк осигурување вели дека дополнителното здравствено осигурување, осигурување на земјоделски посеви, животното осигурување и третиот пензиски столб и понатаму ќе претставуваат предизвици кон кои компанијата ќе пристапи со крајно внимание и интерес.
-Како заврши 2008 за Еуролинк? Дали минатата година беше попрофитабилна за компанијата од претходната?
Во добропознатата констелација на пазарни односи, можам да констатирам дека постигнавме завиден успех. Високото ниво на ликвидност и солвентност во работењето го одржуваме перманентно во текот на годината. Постигнавме вонреден органски раст преку отворање на 15 филијали низ Македонија со што се зајакна позицијата на Друштвото на целата територија од земјава и се приближивме до крајните корисници-осигурениците, во нивните матични места на живеење. Бројот на вработени се зголеми за повеќе од 100% во однос на состојбата во 2007 година, а бележеше драстичен раст и бројот на надворешни застапници со кои соработуваме. Забележавме високо ниво на пораст на портфолиото и покрај стагнацијата или падот кој се случи на ниво на вкупниот пазар на осигурување во земјата.
Сето ова неминовно резултираше со значителна профитна позиција. Веројатно е добро познато на пазарот дека Еуролинк осигурување во 2007 година беше најдобра осигурителна компанија во земјата во категориите поврат на средства и поврат на капитал. Иако на ниво на осигурителна индустрија податоците за 2008 година сe уште официјално не се објавени, сметам дека приматот во профитабилноста и солвентноста го одржуваме во континуитет.
Продолживме со нашето докажување на полето на корпоративната и општествената одговорност за што бевме наградени и во 2008 година од Транспарентност нулта корупција.
-Како го оценувате развојот на македонскиот осигурителен пазар минатата година? Кои се најголемите кочници за негов подинамичен раст?
На ниво на индустрија не се салдирани резултатите за 2008, но врз основа на показателите за третиот квартал од годината, на ниво на вкупен пазар ќе се забележи состојба на стагнација или благ пад. Ваквата позиција во никој случај не може да се толкува како развој на осигурителната индустрија во земјата, особено доколку го земеме предвид вкупниот потенцијален капацитет на пазарот и фактот што истиот сe уште се наоѓа во фаза на раст, односно е сe уште далеку од состојба на развиен, созреан пазар.
Отсуството на позначајни странски инвестиции, особено надвор од трудоинтензивните гранки, дополнителните ограничувања на растот на реалниот сектор во услови на светска економска криза и рестриктивна монетарна политика, несомнено директно ја стеснува базата за осигурување. Ниската ликвидност на стопанските субјекти и отежнатите услови за функционирање на истите, дополнително ја усложнуваат наплатата на осигурителната премија и од тој аспект негативно влијаат врз растот, стабилноста и одржливоста на осигурителната индустрија.
При вакви пазарни услови, не постои сомневање дека раст и развој во осигурителната индустрија може да се постигне исклучиво преку зајакната соработка со супервизорските власти, согледување на предизвиците со кои се соочува индустријата, преземање мерки што ќе обезбедат функционирање исклучиво на здрава и лојална конкуренција и градење заедничка стратегија за стимулирање на подолгорочен раст на индустријата.
-Во моментов, безмалку сите осигурителни компании во земјава се во сопственост на странски осигурители. Како според Вас ќе влијае тоа на пазарот, зголемувањето на понудата на осигурителни продукти и сл.,и на конкуренцијата?
Согласно економската теорија, зголемувањето на конкуренцијата во одреден пазарен сегмент придонесува за намалување на цените, зголемување на понудата на осигурителни производи, попрофесионален однос кон клиентите. Практиката покажува дека тоа е навистина така, но до одреден момент кога од недоволна конкуренција се минува кон преголема сатурација на пазарот, односно кога се соочуваме со ситуација кога за незначителен вкупно пазарно портфолио се борат премногу заинтересирани странки.
Имено, законодавецот во земјата создал услови за здрава конкуренција преку законска демонополизација на пазарот. Сепак, истовремено не етаблирал ефикасна супервизија која ќе овозможи законско функционирање на сите субјекти и преку тоа елиминирање на нелојалната конкуренција.
Како резултат на оваа супервизорска неефикасност, сметам дека постоечкото вкупно национално осигурително портфолио реално не го оправдува бројот на осигурителни компании на пазарот.
-Еуролинк е една од ретките осигурители во земјава каде што осигурувањето од одговорност при употреба на моторни возила не е доминантна како кај останатите компании, а и како во вкупната осигурителна премија во земјава. Како според вас да се зголеми имотното осигурување во земјава, како и другите класи на неживотно осигурување? Што треба првенствено да се направи?
Осигурувањето од автомобилска одговорност не претставуваше приоритет во нашето досегашно работење. Најпрво поради фактот што истото е законски нормирано со што на подолг рок крајно се неизвесни профитните позиции поради честите и непредвидливи интервенции врз цената од страна на законодавецот. Истовремено ова осигурување е и законски задолжително со што однапред е дефинирана базата на корисници, што истото го прави неатрактивно од аспект на предизвик.
Од овие причини оваа класа осигурување бележи значително помала застапеност во нашето портфолио, во однос на застапеноста во повеќе од 50% во вкупното национално портфолио (патем речено, вака високо учество во вкупното осигурително портфолио претставува најдобар показател за ниското ниво на развој на осигурителната индустрија во една национална економија).
Сепак, оваа година ќе биде исклучително тешко за да се очекуваат значителни достигнувања кај останатите класи осигурување, пред с$ кај имотните осигурувања и осигурувањето од одговорност.
Ова пред сe поради импликациите од економската криза. Лимитираната достапност до финансиски средства врши сe посилен притисок врз ликвидносната позиција на стопанските субјекти и сe повеќе ја маргинализира определбата за осигурување.
Секое дополнително намалување на потрошувачката на моторни возила кај физичките лица, дополнително ќе ја намали базата на потенцијални осигуреници.
-Дали секогаш за ниската култура на осигурување е виновен нискиот животен стандард или дел од вината е и кај самите осигурители, во нивната недоволна ангажираност или промоција на осигурителните услуги?
Како што ни културата на живеење не се стекнува одеднаш, така ни културата на осигурување не се стекнува преку ноќ. Оваа забавена динамика е веројатно поизразена во транзиционите економии кои се соочуваат со брзи промени во економските сили и односи што пак имплицира дополнително време за градење на свест за осигурување и доверба во осигурителниот сектор.
Не е за занемарување ниту нискиот животен стандард на населението, што за жал повлекува првенствено задоволување на основните животни потреби пред надградба во сигурноста на живеењето што го подразбира осигурувањето. Осигурителните компании ценам дека сe повеќе се ангажираат за промоција на осигурувањето меѓу населението и деловните субјекти, што може да се заклучи од сe поприсутниот едукативен елемент, за значењето на осигурителните производи за сигурноста во живеењето и деловното опкружување, во промотивните кампањи на осигурителните друштва.
-Третиот пензиски столб треба наскоро да профункционира, па какви се плановите на Еуролинк во тој поглед, со оглед дека ова осигурување е еден вид животно осигурување? Дали постојат планови за отворање на посебна осигурителна куќа за животно осигурување?
Внимателно ги следиме движењата и развојот на пазарот на животно осигурување, како и активностите на Владата во доменот на операционализирање на третиот пензиски столб. Несомнено дека имаме интерес за проширување во тие сегменти, но на среден рок, со оглед на тоа што во 2009 година планираме да привршиме со органскиот раст и консолидација на портфолиото во услови на финансиската криза.
Инаку, потенцијалот за развој во сферата на животно осигурување не го гледаме исклучиво преку призмата на приватниот интерес, туку и како модус кој канализиран на долг рок придонесува кон растот на економијата, пораст на вработувањето и подобрување на животниот стандард, преку растот на домашното штедење и намалена зависност од странските инвестиции.
-Какви е стратегијата за натамошен развој и раст на Еуролинк? На што ќе се фокусирате во следниот период и кои се вашите цели за 2009 година?
Дополнителното здравствено осигурување, осигурување на земјоделски посеви, животното осигурување и третиот пензиски столб секако претставуваат предизвици кон кои ќе пристапиме со крајно внимание и интерес.
Воедно, ќе продолжиме со поддршка на растот на досегашните филијали и отворање нови и нивно понатамошно етаблирање на локалните пазари, како и продлабочување на соработката и проширување на мрежата на дистрибутивни канали. Претендирам да останеме лидери во иновација и промоција на нови производи и пакети на пазарот.
Без оглед на преземените поединечни активности, континуираниот раст, високата солвентност и профитабилност и постојаното инвестирање во развој на човечките ресурси, се целите кон чија реализација ќе се стремиме.